ПРИНЦИПИ НА ОДНЕСУВАЊЕ:
Слободата на медиумите е неприкосновено право.
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од Уставот на Република Македонија.
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и имаат право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и да го спречат искривувањето на вестите.
Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат во јакнењето на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.
ВРЗ ОСНОВА НА ОВИЕ ПРИНЦИПИ И ЕТИЧКИ ВРЕДНОСТИ:
1. Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно;
2. Ако новинарот е спречен да дојде до бараната информација, има право за тоа да ја информира јавноста;
3. Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата;
4. Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити;
5. Новинарот ќе ги почитува законите на државата, но нема да објави или да сокрие што и да е во спротивност со јавниот интерес;
6. Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или за прикривање информации за стекнување лична корист.
Митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професија.
Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето.
Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата;
7. Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост;
8. Начинот на информирање, во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.
Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите вклучени страни во спорот и да не се сугерира пресуда;
9. Новинарот не смее да интервјуира или да фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.
Истото се однесува и за лицата со посебни потреби, кои не се во состојба свесно да расудуваат;
10. Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…);
11. Новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните разлики во Македонија;
12. Плагијаторството е неприфатливо.
Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот;
13. Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот;
14. Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано.
Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти;
15. Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.
Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста;
16. Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги;
17. Новинарот има право да одбие работна задача, доколку е во спротивност со принципите на Кодексот.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ:
Новинарите кои работат во согласност со Кодексот ја уживаат поддршката на својата медиумска куќа и на својата професионална организација.
Во согласност со законите на Република Македонија, новинарите, во однос на професијата, ќе го прифатат судот само од своите колеги и ќе бидат надвор од политичко и друго влијание.
За почитувањето на принципите од Кодексот се грижи Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија.
Скопје, 14.11.2001 г. Новинарите на Македонија
Subscribe to:
Posts (Atom)